Израелските одбранбени сили (IDF) соопштија дека извршиле воздушен напад во северен Либан, при што бил ликвидиран, како што наведуваат, „клучен“ член на палестинското радикално движење Хамас. Нападот се случил во близина на градот Триполи, а израелската страна не го откри идентитетот на убиениот.
До овој момент, движењето Хамас не се огласило во врска со нападот, јави агенцијата Ројтерс.
Според извештајот на либанската државна новинска агенција, нападната била една возачка кабина во близина на Триполи. Министерството за здравство на Либан соопшти дека во инцидентот загинале две лица, а три се повредени. Имињата на жртвите не се објавени.
Палестинските милитантни групи, меѓу кои и Хамас, се присутни на територијата на Либан, претежно во палестинските бегалски кампови каде што раселените Палестинци живеат со децении.
Израелските воздушни операции во Либан зачестија по нападот на Хамас врз јужен Израел во 2023 година. Оттогаш, Тел Авив спроведува низа целни напади врз позиции на либанскиот Хезболах и палестински вооружени фракции.
Во јануари 2024 година, во израелски воздушен напад во јужните предградија на Бејрут беше убиен заменик-лидерот на Хамас, додека слични напади беа извршени и врз палестински кампови на северот од земјата.
Иако минатогодишниот прекин на огнот, постигнат со посредство на САД, привремено го стивна директниот конфликт меѓу Хезболах и Израел, израелските сили продолжуваат со напади врз, како што велат, складишта за оружје и позиции на милитанти – главно во јужен Либан.