Во услови на зголемени тензии и ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, израелската војска издаде јавно предупредување до иранските цивили кои се наоѓаат во близина на воени и индустриски објекти. Портпаролот на израелската војска, Авијај Адраее, преку објава на социјалните мрежи ги повика сите лица во тие области веднаш да се евакуираат.
„Сите лица што во моментов се наоѓаат или ќе се најдат во близина на објекти за производство на оружје и сродни капацитети, мора веднаш да ги напуштат тие подрачја и да не се враќаат сè додека не биде поинаку соопштено“, изјави Адраее.
Предупредувањето доаѓа во момент на интензивирани меѓусебни напади и закани за нова етапа на насилство помеѓу двете држави. Израелската војска не прецизираше дали се планираат конкретни напади, но експертите предупредуваат дека оваа изјава може да биде вовед во поширока воена акција.