Израелската армија објави дека воспоставила целосна контрола над воздушниот простор над Техеран, уништувајќи една третина од иранските лансирни рампи за ракети земја-земја во серија ноќни воздушни напади, кои според армискиот портпарол претставуваат „голем успех“ во тековната воена кампања што влегува во четвртиот ден.
Портпаролот Ефи Дефрин соопшти дека во нападите учествувале над 50 израелски борбени авиони и прецизни проектили, кои погодиле повеќе од 120 ирански лансирни позиции, магацини за ракети и производствени објекти.
Истовремено, Иран ноќта врз Израел испалил 65 ракети и десетици дронови, што, според израелските извори, претставува само половина од планираниот напад. „Спречивме значителен дел од она што Иран го имаше зацртано,“ рече Дефрин. „Сега можеме да потврдиме дека имаме целосна воздушна надмоќ над Техеран.“
Израелските сили, според него, продолжуваат со прецизни напади врз ирански единици кои се обидуваат да лансираат ракети или да го загрозат израелското воено воздухопловство. Во тек се и напади врз воени објекти, нуклеарни локации, урбани цели, како и клучната иранска нафтена и гасна инфраструктура.
Според воени извори, во нападите загинале неколку високи ирански офицери и нуклеарни научници. Дефрин нагласи дека крајна цел на операцијата е спречување на Иран во развојот на нуклеарно оружје и ракети со долг дострел. Израел најави дека нападите ќе се прошируваат и подлабоко на исток кон територијата на Иран.
„Не очекуваат тешки денови, но ќе ги надминеме заедно и ќе излеземе како победници,“ заклучи Дефрин.