Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обрати од воздухопловната база Тел Ноф за време на посета со министерот за одбрана и началникот на Генералштабот.
За време на посетата на југот од земјата, јужно од Тел Авив, Нетанјаху истакна дека Израел има две главни цели во однос на Иран: „Елиминирање на нуклеарната и ракетната закана“.
Ноќта претходно, Израел изврши напади врз неколку нуклеарни објекти во Иран.
Премиерот Нетанјаху им порача на жителите на Техеран да го напуштат градот, повторувајќи ја тактиката користена во Газа, каде голем број цивили беа повикани на евакуација пред изведување на напади врз станбени области.
Денеска, и израелскиот претседател Исак Херцог се обрати до јавноста. Тој го посети местото на ракетниот напад во централниот израелски град Петах Тиква, каде во нападот загинаа четири лица.
Стоејќи пред оштетена зграда, Херцог изјави дека е време за промена на режимот во Иран.
„Мислам дека иранскиот народ е исцрпен и сака промени. И целиот регион заслужува промени“, порача претседателот Херцог.