УТРО.мк

Голем број Израелци веруваа дека нивниот противвоздушен систем е непробоен: „Отпорен е, но…“

Голем број Израелци веруваа дека нивниот противвоздушен систем е непробоен: „Отпорен е, но…“
Vero

Спасувачките екипи утрово ги расчистуваа урнатините од 20-катна станбена зграда во израелскиот град Петах Тиква, откако ноќеска беше погодена од ирански проектил што остави огромна дупка во структурата и предизвика загинување на најмалку четири лица, јави BBC.

Според првичните информации, две од жртвите се наоѓале во засолниште во моментот на ударот, но ѕидот меѓу двете простории не издржал директен погодок. Третата жртва се наоѓала на катот веднаш над засолништето. Подоцна, бројот на загинати од ракетниот напад во понеделникот се зголеми на 11 – меѓу нив има и загинати во градовите Бнеи Брак и Хаифа.

Комплексот од неколку згради претрпел сериозни оштетувања, а околу 300 станови се сега празни. Семејствата кои живееле во нив се раселени, а дел од жителите се обидуваа да се вратат само за да земат лични работи, без да знаат кога повторно ќе можат да се вратат дома.

Нападот се случил нешто по 4 часот изутрина и засега не е познато која била точната цел. Станува збор за исклучиво станбена област, без присуство на воени или стратешки објекти во близина. Израелските власти го обвинија Иран дека намерно цели кон цивилни објекти, како одговор на масовните израелски напади врз иранска територија.

По четири дена интензивна воена ескалација меѓу двете држави, Иран лансираше десетици проектили врз израелски градови, а вкупниот број на загинати израелски граѓани достигна 24 лица.

Во меѓувреме, Израел на 13 јуни изврши напад од невидени размери врз Иран, таргетирајќи стотици воени и нуклеарни цели, во обид да го спречи Техеран во развој на нуклеарно оружје. Според ирански извештаи, во израелските напади загинале најмалку 224 лица, а над 1000 се повредени.

И покрај изградената доверба во повеќеслојниот израелски противвоздушен систем, јавноста е сè повознемирена – системот останува функционален, но не и совршен, велат властите.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран