УТРО.мк

Израел го нападна Иран со 200 борбени авиони и повеќе од 330 различни видови оружје

Израел го нападна Иран со 200 борбени авиони и повеќе од 330 различни видови оружје
Vero

Блискиот Исток се наоѓа пред опасна ескалација по масовниот напад на Израел врз територијата на Иран. Во ноќна операција, Израел ангажираше над 200 борбени авиони и повеќе од 330 различни видови оружје, целејќи во стратешки цели – меѓу нив нуклеарни постројки и фабрики за балистички ракети.

Меѓу загинатите се високи ирански воени команданти, меѓу кои и генерал Мохамед Багери, началник на Генералштабот на вооружените сили на Иран. Меѓународната агенција за атомска енергија потврди дека е погоден и објект за збогатување ураниум.

„Го погодивме врвот на командата, научниците кои работат на развој на атомска бомба и клучни нуклеарни објекти. Ова е значајна фаза. Апелирам граѓаните строго да се придржуваат до упатствата на Командата на домашниот фронт – можеби ќе мора да останеме во заштитени подрачја подолго од вообичаено“, порача израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Како одговор, Техеран возврати со напад од над 100 беспилотни летала кон израелска територија. Израелските власти ги повикаа граѓаните да останат во своите домови или засолништа.

„Сите одбранбени сили се мобилизирани за пресретнување на заканите. Следењето на упатствата од Командата на домашниот фронт е од суштинско значење – тие спасуваат животи“, изјави портпаролот на Армијата на Израел, бригадниот генерал Ефи Дефрин.

Во моментов, воздушниот простор над Иран, Ирак, Израел и Јордан е целосно затворен. Светските лидери изразија длабока загриженост и апелираа за воздржаност.

„Ги повикуваме сите страни да избегнуваат дејствија и реторика кои можат дополнително да ги заострат тензиите. Иранската нуклеарна и ракетна програма претставува реална закана за глобалната безбедност, но одговорот мора да биде дипломатски“, истакна австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг.

Слична порака испрати и премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Луксон: „Ова е сериозен и непосакуван развој на настаните. Ризикот од погрешна проценка е голем, а регионот не може да си дозволи нова воена ескалација.“

САД се оградија од израелската акција. Државниот секретар Марк Рубио изјави дека нападот бил изведен еднострано од страна на Израел, без американско учество. Претседателот Доналд Трамп потврди дека се противел на израелскиот напад врз нуклеарните објекти на Иран, додавајќи дека сè уште постои можност за дипломатско решение.

„Би сакал да го избегнеме конфликтот. Иран ќе мора да преговара построго и да прифати отстапки што досега не ги разгледувал“, изјави Трамп.

Американскиот Стејт департмент издаде наредба за итно повлекување на дипломатскиот персонал од амбасадите и конзулатите во регионот на Блискиот Исток.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран