
Лидерите на SNP, Plaid Cymru и Sinn Féin во заеднички меморандум порачаа дека „времето на Вестминстер истекува“
Кардиф – Лидерите на трите главни националистички партии во Обединетото Кралство денеска потпишаа заеднички Меморандум за разбирање со кој го прогласија правото на самоопределување и порачаа дека иднината на нивните нации „припадa во Европската Унија“.
На ретката заедничка средба во главниот град на Велс, Кардиф, учествуваа Џон Свини, лидер на Шкотската национална партија (SNP) и прв министер на Шкотска, Рун ап Јорверт, лидер на Plaid Cymru и премиерот на Велс, и Мери Лу Мекдоналд и Мишел О’Нил, претседателка и потпретседателка на Шин Фејн и премиерка на Северна Ирска.
Во документот, потпишан од трите партии кои се залагаат за отцепување од Обединетото Кралство, се вели:
„За прв пат досега, луѓето на овие острови имаат премиери во Шкотска, во Велс и во Северна Ирска кои се сите посветени на независност од Обединетото Кралство. За луѓето што не гледаат – за луѓето ширум светот – нема појасен знак дека времето на Вестминстер истекува.“
Клучната порака во меморандумот е посветена на Европа:
„Брегзит ги оштети нашите економии и ги ограничи можностите за нашиот народ. Европа е нашиот заеднички дом и веруваме дека иднината на нашите нации припаѓа во Европската Унија.“
Лидерите порачаа и дека ниту една влада во Вестминстер нема право да ја блокира демократијата.
„Нашите нации имаат право на самоопределување. Ниту една влада во Вестминстер нема право да ја блокира демократијата или да го поткопа принципот дека нашиот народ ќе ја одлучува својата иднина“, се вели во заедничката декларација.
Договорот доаѓа во момент на големи политички промени. По изборите во Велс во мај, Plaid Cymru стана најголема партија во Сенед, додека во Северна Ирска, Шин Фејн е најсилната партија од 2022 година. Во Шкотска, SNP и натаму инсистира на нов референдум за независност до 2031 година.
Средбата се случува само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би поддржал обединета Ирска, што според Мишел О’Нил покажува дека „дебатата за обединување е многу жива“.

















