
Лидерката на германската крајнодесничарска Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, најави низа остри промени доколку нејзината партија дојде на власт, меѓу кои прекин на финансиската поддршка за Украина и преиспитување на дел од стекнатите германски државјанства.
Вајдел порача дека евентуална влада предводена од АфД би ја прекинала финансиската помош за Украина, како и поддршката поврзана со војната. Дополнително, според неа, Германија би барала од Киев значителен надомест за средствата што досега ги издвојувала.
Таа се осврна и на Украинците кои престојуваат во Германија, оценувајќи дека повеќе од еден милион од нив користат социјална помош. Особено ги издвои младите Украинци во воена возраст, за кои тврди дека се во шестцифрен број, и порача дека тие треба да се вратат во Украина.
Вајдел упати критики и кон ЦДУ/ЦСУ, тврдејќи дека партијата со години ги разочарувала гласачите. Таа предвиде и дека актуелниот лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, би можел да биде сменет, оценувајќи дека проблемите на партијата се структурни и поврзани со нејзиниот кредибилитет.
Посебно внимание Вајдел посвети на сириските државјани во Германија. Таа оцени дека азилот е привремено право и дека лицата кои повеќе немаат причина за заштита треба да се вратат во Сирија.
Според неа, Сиријците кои престојуваат во Германија не би требало да добијат германско државјанство доколку причината поради која добиле азил веќе не постои. Вајдел најави дека влада на АфД би го преиспитала и стекнувањето германско државјанство од страна на сириски државјани, со цел да се утврди дали во моментот на добивањето ги исполнувале законските критериуми.
Лидерката на АфД најави и промена во односот на Германија кон финансирањето на европските партнери и институции. Таа порача дека Германија повеќе не треба да ги покрива трошоците за, како што ги нарече, „сите овие активности“ на соседните земји.
Вајдел оцени дека АфД би направила значителни намалувања на издвојувањата и порача дека реакцијата од Брисел и Стразбур би била голема доколку Германија престане да обезбедува дел од досегашното финансирање.

















