
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан им се извини на соседните земји поради нападите со дронови и ракети што Иран ги изврши во изминатите денови, нагласувајќи дека Техеран нема намера да врши напади врз нив без причина.
Во претходно снимено видео обраќање, Пезешкијан изјави дека е потребно извинување до соседните држави кои беа погодени од иранските напади од почетокот на американско-израелската воена операција пред една недела.
„Сметам дека е потребно да им се извинам на соседните земји што беа нападнати. Немаме намера да извршиме инвазија на соседните земји“, истакна иранскиот претседател, повикувајќи на поголема регионална соработка за воспоставување мир и стабилност.
Тој додаде дека тричлениот лидерски совет во Иран им наредил на вооружените сили во иднина да не ги напаѓаат соседните држави, освен доколку тие први не започнат напад.
Пезешкијан во обраќањето испрати и политичка порака до земјите во регионот, предупредувајќи дека не треба да станат „марионети на империјализмот“.
„Оние кои размислуваат да го искористат овој момент за да го нападнат Иран не смеат да станат марионети на империјализмот. Поддршката на Израел или САД не е пат кон честа и слободата. Мислам дека ова треба да го решиме преку дипломатија“, изјави тој.
Во исто време, иранскиот претседател го отфрли повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за безусловно предавање на Иран.
„Барањето на САД е сон што можат да го однесат во гроб“, порача Пезешкијан.























