Иранскиот парламент денеска го одобри предлогот за затворање на Ормускиот теснец, еден од најважните светски поморски премини, како одговор на западните притисоци, објавија регионалните медиуми. Сепак, конечната одлука за овој радикален чекор ќе ја донесе Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Ормускиот теснец е стратешки воден пат што го поврзува Персискиот залив со Оманскиот залив и преку него минува речиси 20% од светската трговија со нафта. Затворањето на овој теснец би имало огромни последици врз глобалните пазари, со потенцијално значително зголемување на цените на енергенсите и дополнителен притисок врз светската економија.
Иранските власти предупредуваат дека затворањето ќе биде применето „секогаш кога ќе биде потребно“, а британската поморска агенција UKMTO го оцени ризикот од закани кон американските трговски бродови во регионот како висок.
Аналитичари истакнуваат дека овој потег би претставувал ескалација на регионалната криза и би ја втурнал светската економија во неизвесност, додека меѓународната заедница со загриженост ги следи настаните.