
Иран и Германија се најдоа во нова дипломатска конфронтација, откако германскиот канцелар Фридрих Мерц му се закани на Техеран со серија санкции доколку не го запре насилството врз своето население и не го сопре развојот на нуклеарната програма.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, остро ја критикуваше Германија, нарекувајќи ја „мотор на регресија“ во Европа и упатувајќи лични забелешки кон Мерц, кого го опиша како личност со „непријатен карактер“. „Иран отсекогаш ја ценел соработката со Германија. Токму затоа е двојно разочарувачки што токму Мерц ја претставува вашата земја на светската сцена“, напиша Арагчи на социјалната мрежа Х.
Мерц, пред своето прво патување во земјите од Заливот, најави дека Германија е подготвена да го зголеми притисокот врз Техеран. „Мирот и безбедноста во регионот се исто така приоритети за нас“, истакна канцеларот, нагласувајќи ја соработката на Германија со САД, Велика Британија, Франција, Израел и други регионални партнери.























