
На денешната средба помеѓу Владата и претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженија на граѓани (УПОЗ), постигнат е начелен договор за зголемување на платите на административните службеници. Како што изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, договорот прво треба да се стави на хартија, а потоа за него ќе се изјаснат телата и органите на синдикатот.
Според договореното, платите на административците ќе се зголемуваат по осум отсто секоја година во наредните три години. „Мило ми е што Владата го прифати барањето на УПОЗ, иако не во целост, сепак додатоците на плата ќе бидат исплатени на вработените од администрацијата и правосудството“, истакна Деаноски.
Тој нагласи дека зголемувањата ќе се реализираат во три рати по осум проценти, почнувајќи од март годинава, но конечниот збор ќе го имаат органите и телата на синдикатот преку гласање за поединечните колективни договори. „Доколку колегите го прифатат договорот, нема пречки за негово потпишување. Доколку не, Владата ќе добие наши забелешки и можно е вработените да бараат повисок износ“, додаде Деаноски.























