
45-годишен маж од Индонезија е уапсен под сомнение дека до смрт го претепал својот 60-годишен сосед, откако со години наводно го исмејувал и провоцирал поради тоа што не бил оженет.
Според локалните медиуми, трагичниот случај се случил во регионот Јужен Тапанули, во провинцијата Северна Суматра. Жртвата е пензионираниот државен службеник Асгим Ирианто, а конфликтот меѓу двајцата соседи наводно траел со години.
Како што пренесуваат полициски извори и сведоци, расправијата започнала со навреди и коментари за брачниот статус на осомничениот, по што ситуацијата ескалирала во брутален физички напад.
Осомничениот, според наводите, зграпчил парче дрво и жестоко го претепал својот сосед пред неговиот дом. Жителите од населбата слушнале викање и расправија, по што се обиделе да интервенираат и да ги раздвојат двајцата мажи.
Тешко повредениот Асгим Ирианто бил итно пренесен во болница, но неколку часа подоцна им подлегнал на повредите.
Полицијата го уапсила осомничениот само неколку часа по нападот, а според локалните медиуми, при првото сослушување изјавил дека „повеќе не можел да го трпи постојаното малтретирање и потсмевање“.
















