
Несреќа со електрични тротинети на кејот на Вардар повторно го отвори прашањето за безбедноста на овие превозни средства, откако во судир меѓу два тротинета тешко била повредена 62-годишна жена.
Според информациите од полицијата, несреќата се случила вчера на кејот на реката Вардар во Скопје, кога се судриле два електрични тротинета – едниот управуван од 62-годишна жена, а другиот од 12-годишно дете.
Во судирот жената се здобила со тешки телесни повреди, додека детето поминало со телесни повреди. Повредите биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Случајот доаѓа во период кога Министерството за внатрешни работи веќе најави построги мерки и можни законски измени за регулирање на користењето електрични тротинети, особено кај малолетниците.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека институциите разгледуваат повеќе опции за зголемување на безбедноста.
„Не можам сега да навлегувам во детали дали ќе станува збор за ограничување до 18 или до 16 години, дали ќе одиме со забрани или со порегулиран систем, но во секој случај, јасно е дека на ова поле се потребни законски измени со цел зголемување на безбедноста поврзана со овој тип превозни средства“, изјави Тошковски.
Несреќата во Скопје дополнително ја засили дебатата околу употребата на електричните тротинети во урбаните средини, особено поради сè почестите инциденти на пешачки и рекреативни зони.
Во меѓувреме, повеќе европски држави веќе воведуваат построги правила. Грција е една од првите земји на Балканот која работи на законски измени со кои би се ограничило користењето тротинети од страна на малолетници, а се разгледуваат и дополнителни ограничувања за брзината и движењето на јавни површини.
















