
Најмалку седум силни експлозии одекнале во текот на ноќта во главниот град на Венецуела, Каракас, при што жителите во паника ги напуштиле своите домови. Инцидентите се случиле околу 2 часот по локално време, кога над градот биле забележани авиони и хеликоптери кои летале ниско.
Јужниот дел од Каракас, вклучително и подрачјата во близина на голема воена база, останал без електрична енергија. Снимки и фотографии објавени од регионални медиуми прикажуваат густ чад над повеќе делови од градот, кој бил видлив и во реонот на воената база и аеродромот Ла Карлота.
Според достапните информации, погодени се неколку стратешки воени локации, меѓу кои базата Фуерте Тиуна, аеродромот и воен комплекс Ла Карлота, како и комуникациски објект во општината Ел Хатиљо.
Владата во Каракас соопшти дека остро ја „осудува и отфрла воената агресија“ на Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека ваквите дејствија го загрозуваат регионалниот и меѓународниот мир. Во официјалното соопштение се наведува дека нападите сериозно ги доведуваат во опасност животите на милиони луѓе во Латинска Америка и Карибите.
Американски претставници за медиумите изјавиле дека претседателот Доналд Трамп наредил напади врз цели во Венецуела, вклучително и воени објекти. По настаните, венецуелскиот претседател Николас Мадуро прогласи вонредна состојба во земјата.
Венецуелската влада ги обвини САД дека се обидуваат да ја нарушат политичката независност на државата и да добијат контрола врз нејзините стратешки ресурси, особено нафтата и минералите. Нападите, според Каракас, се дел од поширока кампања на притисок што трае со месеци.
Ескалацијата следува по неодамнешни инциденти во кои американската морнарица нападна неколку венецуелски бродови за кои се тврди дека биле поврзани со трговија со дрога. Иако Венецуела неодамна изрази подготвеност за разговори со САД за заедничка борба против наркотрговијата, тензиите меѓу двете земји остануваат високи.



























