Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија е „единствената црвена линија“ и главната пречка за воспоставување траен мир во Украина, посочувајќи дека Москва води хибридна конфронтација со Европа, вклучително и со Франција.
Макрон нагласи дека првата гаранција за безбедност е обновата на украинската војска и силни безбедносни гаранции кои ќе спречат нова руска инвазија. Според него, клучното прашање е дали Русија е навистина подготвена за мир што нема повторно да биде прекршен по неколку месеци или години.
Тој истакна дека Европа треба да реши како ќе се користи замрзнатиот руски имот, но и дека никој не смее да ѝ наметнува на Украина територијални отстапки.
Макрон порача дека Франција и меѓународната заедница сакаат мир, но „не било каков“, туку мир што ќе го гарантира територијалниот интегритет и безбедноста на Украина. Спомена и дека мировниот план на претседателот Доналд Трамп содржи прифатливи елементи за Русија, но мора да се доработи за да биде прифатлив за Украина и Европа.























