
Швајцарија конечно ќе ги отвори строго чуваните тајни досиеја за озлогласениот нацистички злосторник Јозеф Менгеле, познат како „Ангелот на смртта“ од Аушвиц, по децении шпекулации, историски притисоци и судски битки. Одлуката ја потврди Швајцарската федерална разузнавачка служба, иако сè уште не е познато кога документите официјално ќе бидат достапни за јавноста.
Менгеле важи за еден од најмонструозните нацистички лекари од Втората светска војна. Како припадник на германските Вафен СС во логорот Аушвиц, тој одлучувал кои затвореници ќе бидат испратени директно во гасните комори, а кои ќе бидат користени за сурови медицински експерименти. Особено бил познат по експериментите врз деца и близнаци, поради што го добил прекарот „Ангелот на смртта“.

Во Аушвиц биле убиени околу 1,1 милион луѓе, од кои најголем дел биле Евреи.
По крајот на војната, Менгеле успеал да избега од Европа користејќи лажен идентитет. Со патна исправа издадена од швајцарскиот конзулат во Џенова, која ја добил преку Црвениот крст, тој заминал во Јужна Америка. Подоцна Црвениот крст призна дека вакви документи биле издадени и на нацисти кои бегале од правдата.
Иако официјално се сметало дека живее во Јужна Америка, со години постоеле сомнежи дека Менгеле тајно престојувал и во Швајцарија. Историчарката Регула Бохслер открила дека во 1961 година австриските разузнавачки служби ги предупредиле швајцарските власти дека Менгеле патува под лажно име и можеби се наоѓа на нивна територија.

Дополнителни сомнежи предизвикал и фактот што неговата сопруга изнајмила стан во Цирих и побарала постојан престој во Швајцарија. Според историчарите, станот бил внимателно избран – се наоѓал во скромно предградие, но многу блиску до меѓународниот аеродром.
Полициски документи од Цирих, до кои историчарите успеале делумно да добијат пристап, покажуваат дека станот бил под надзор, а полицијата дури фотографирала непознат маж кој се движел со сопругата на Менгеле. Но, никогаш не било потврдено дали навистина станувало збор за самиот нацистички злосторник.
Со години швајцарските власти одбиваа да ги отворат досиејата, повикувајќи се на национална безбедност и заштита на семејството. Документите дури биле класифицирани до 2071 година, што дополнително ги поттикнало теориите на заговор.
Историчарите Жерар Ветштајн и Регула Бохслер покренале јавна и судска борба за отворање на архивите. По силен притисок и јавна кампања, Федералната разузнавачка служба конечно попуштила и најавила дека ќе овозможи пристап до досиејата, иако под „посебни услови“.
Историчарите сега стравуваат дека голем дел од документите би можеле да бидат цензурирани или затемнети.
Според експертите, досиејата можеби нема директно да откријат дали Менгеле навистина престојувал во Швајцарија, но би можеле да покажат колку швајцарските власти знаеле за неговото движење и дали свесно затворале очи пред неговото присуство.
Некои историчари веруваат дека документите можат да содржат информации и за контактите меѓу швајцарските власти и израелскиот Мосад, кој во тоа време активно ловел нацистички злосторници низ светот.
















