
Турција повторно испрати остра порака кон Грција околу долгогодишниот спор за територијалните води во Егејското Море, откако советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека евентуално проширување на грчките територијални води од шест на 12 наутички милји и натаму се смета за повод за војна од страна на Анкара.
Како што пренесува грчкиот весник „Екатимерини“, Чагри Ерхан, академик и советник на Ердоган, потврдил дека одлуката на турскиот парламент од 1995 година сè уште е активна и претставува официјален став на Турција.
„Доколку Грција ги прошири своите територијални води дури и за еден сантиметар, тоа би било повод за војна“, изјавил Ерхан, повторувајќи ја долгогодишната позиција на Анкара.
Тој истовремено нагласил дека новиот турски закон со кој се официјализираат поморските претензии на Турција, познати под концептот „Сина татковина“, не треба да се толкува како директна закана кон Грција.
Спорот меѓу двете земји трае со децении, а главната точка на судир е контролата врз поморските зони и островите во Егејското Море. Турција смета дека големиот број грчки острови практично го „затвораат“ турскиот брег и ограничуваат дел од нејзините поморски права. Од друга страна, Грција постојано истакнува дека согласно меѓународното право има целосно право во секој момент да ги прошири своите територијални води на 12 наутички милји, како што тоа го дозволува Конвенцијата на Обединетите нации за поморско право.
Турските медиуми дополнително објавија дека Анкара подготвува нова регулатива со која претседателот на Турција би добил овластување еднострано да прогласува ексклузивна економска зона до 200 наутички милји.
Таквиот потег би можел дополнително да ги зголеми тензиите во Источниот Медитеран, особено ако се земе предвид дека Турција сè уште не ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за поморско право, која бара договор со соседните држави за вакви зони.
















