
Хелсинки – Финските власти уапсија двајца членови на екипажот на товарниот брод „Фитбург“ поради оштетување на подводни телекомуникациски кабли што ги поврзуваат Хелсинки и Талин, додека на двајца други им е забрането патување.
Штетата на каблите, кои се во сопственост на финската телекомуникациска компанија Елиса и се сметаат за витална инфраструктура, беше откриена вчера во естонската ексклузивна економска зона, откако каблите биле прекинати претходно оваа недела.
Бродот „Фитбург“, кој плови под знамето на Свети Винсент и Гренадини, отпловил од Санкт Петербург кон израелското пристаниште Хаифа. Во екипажот од 14 члена има државјани на Русија, Грузија, Азербејџан и Казахстан. Според Финската полиција, бродот го влечел сидрото по морското дно со часови пред да биде забележан во ексклузивната економска зона на Финска.
Началникот на финската полиција, Илка Коскимаки, нагласи дека истражителите засега се воздржуваат од шпекулации дали зад оштетувањето стои државен субјект.



























