
ФБИ објави награда од 200.000 долари за информации што би довеле до апсење на Моника Вит, поранешна специјалистка на воздухопловните сили на САД, обвинета за шпионажа во корист на Иран.

Американските власти веруваат дека Вит пребегнала во Иран во 2013 година, а против неа беше поднесено обвинение во 2019 година.
Според ФБИ, таа била офицер за контраразузнавање во Канцеларијата за специјални истраги на американските воздухопловни сили, а во периодот од 2003 до 2008 година работела на задачи поврзани со Блискиот Исток.
Специјалниот агент Даниел Виерзбицки изјави дека ФБИ сè уште активно трага по Вит.
„ФБИ не заборавило и веруваме дека во ова критично време во иранската историја, некој знае каде се наоѓа“, рече тој.
Според обвинението, по пребегнувањето Вит наводно му открила на Иран постоење на тајна американска програма за собирање разузнавачки информации, како и идентитет на американски разузнавачки службеник, со што, според властите, биле загрозени повеќе лица.
Тогашниот помошник-генерален обвинител Џон Демерс во 2019 година изјави дека Вит била регрутирана од иранските власти.
Во обвинението се наведува и дека ирански владини претставници ѝ обезбедиле домување, компјутерска опрема и друга логистичка поддршка по нејзиното пристигнување во Иран.
















