Европската унија планира сериозни измени во миграциската и визна политика, со фокус на зајакнување на граничната контрола, проширување на депортациите и потенцијално укинување на визите за земјите кои не соработуваат во враќањето на мигрантите. Овие промени се дел од новата стратегија договорена од министри од шест земји членки на ЕУ – Германија, Франција, Полска, Австрија, Чешка и Данска.
На состанок одржан на највисокиот врв во Германија, Цугшпице, министрите усвоија декларација под наслов „Заедничко ефикасно намалување на илегалната миграција“. Меѓу мерките што се предлагаат се:
Засилување на контролата на надворешните граници на ЕУ Зголемување на бројот на депортации, вклучително и во Авганистан и Сирија Подобрување на соработката со трети држави Воведување визни ограничувања за земјите што одбиваат да ги примат назад своите граѓани
Нова и потенцијално спорна иницијатива предвидува азилните постапки да се спроведуваат и надвор од територијата на ЕУ, дури и кога мигрантите немаат врска со третата земја каде што би биле испратени.
Министерот за внатрешни работи на Германија, Александер Добринт, рече дека системот на ЕУ мора да стане поефикасен и поцврст. Тој истакна дека Германија веќе започнала со депортации во Авганистан, а се разгледува и враќање на мигранти во Сирија – прашање што дополнително ќе се решава врз основа на извештаи на Министерството за надворешни работи.
На состанокот не учествуваа земји како Италија и Грција, кои се меѓу најпогодените од пристигнувањето на мигранти, но на наредниот министерски состанок во Копенхаген, овие предлози ќе бидат презентирани пред поширок круг членки на ЕУ.
Данска ќе ја координира иницијативата во рамките на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ. Европа се соочува со нов бран политики кои, според експертите, ја трансформираат во „тврдина“ – со далекусежни последици за земјите од кои потекнуваат мигрантите.