Захладените односи меѓу Азербејџан и Русија добија нова димензија откако претседателот Илхам Алиев најави дека неговата земја ќе поднесе тужба против Москва за уривањето на патнички авион, а истовремено јавно ја поддржа Украина и го нападна рускиот империјализам. На политички форум во градот Шуша, Алиев ја спореди борбата на Украина со агонијата на Азербејџан околу Нагорно-Карабах и порача: „Не трпете окупација, како што не трпевме ни ние.“
Алиев потврди дека Баку ќе бара одговорност од Русија пред меѓународните судови за соборениот авион на 25 декември 2024, во кој загинаа 38 лица. Според него, доказите се неоспорни, а Москва, и по седум месеци, не дала јасен одговор. Пораката од Баку е јасна – Азербејџан повеќе нема намера да толерира „арогантен молк“ од Кремљ.
Ова се случува во време кога Русија сè повеќе го губи влијанието на Кавказ, каде што не само Азербејџан, туку и Ерменија, ја намалуваат зависноста од Москва. Двете земји, првпат по распадот на СССР, водат директни преговори – без посредништво на Русија. И тоа во Абу Даби, далеку од сенката на Кремљ. Истовремено, Турција, САД, ЕУ и Кина ги зацврстуваат своите позиции на Кавказот, додека Русија војува во Украина.
Дополнително, според извештајот World Oil Outlook 2050 на ОПЕК, Азербејџан и Казахстан ќе станат главни снабдувачи со нафта за Европа до средината на векот, заменувајќи ја Русија. Баку веќе има извоз од над 12 милијарди кубни метри гас годишно и над 18 милиони тони нафта во ЕУ. Ако Азербејџан го добие контрола врз Зангезурскиот коридор преку Ерменија, ќе може да изгради нова енергетска инфраструктура со Турција и да ја заобиколи Грузија – последниот сојузник на Москва на Кавказот.
Со ваквите чекори, Алиев јасно дава до знаење дека Баку не само што ја преиспитува лојалноста кон Москва, туку и активно работи на трансформација во клучен геополитички и енергетски играч на југоисточниот раб на Европа.