Европските партнери на Украина излегоа со детален 24-точков контра-предлог за прекин на војната, кој целосно ги отфрла територијалните уступки предложени од администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Планот, кој треба да биде презентиран во Швајцарија, нуди сеопфатна рамка за траен мир, безбедност и реконструкција, заснована на принципот дека Украина не смее да биде приморана да отстапи територии додека конфликтот е активен.
Контра-предлогот бара целосен и безусловен прекин на огнот на земја, море и воздух, по што би следеле технички преговори за негово надгледување со учество на САД и европски држави. Предвидено е меѓународно мониторирање предводено од САД, базирано главно на сателити, дронови и други технологии, со можност за теренски инспекции при потреба.
Планот содржи и јасни хуманитарни одредби: Русија да ги врати сите незаконски депортирани украински деца, размена на сите заробеници по принципот „сите за сите“, ослободување на цивилните притворени лица и овозможување семејни посети преку линијата на контакт кога прекинот на огнот ќе биде стабилен.
Европските држави ја потврдуваат украинската сувереност без барања за неутралност, а на Украина ѝ се нудат силни, правно обврзувачки безбедносни гаранции – вклучувајќи и американска гаранција слична на член 5 од НАТО. Не се предвидуваат ограничувања за украинската армија и одбранбената индустрија, а Киев добива целосна слобода во одлуките за присуството и активностите на пријателските сили на своја територија.
Планот предвидува членство на Украина во ЕУ, а прашањето за НАТО останува условено со внатрешниот консензус на Алијансата. Украина се согласува да остане ненуклеарна држава, како и досега.
Територијалните прашања би се решавале дури по целосен и безусловен прекин на огнот, и тоа од моменталната линија на контрола. По договорот, и Киев и Москва би се обврзале да не ја менуваат договорената линија со сила. Украина би го вратила контролниот надзор врз нуклеарната централа Запорожје и браната Каховка, со јасен механизам за трансфер на управата.
Понатаму, планот гарантира слободна пловидба за Украина по Дњепар и контрола врз Кинбурнскиот Полуостров. Економската соработка со европските партнери би се реализирала без ограничувања, а реконструкцијата и компензацијата за штетата би се финансирале, меѓу другото, и преку замрзнатите руски државни средства, кои би останале блокирани сè додека Москва не ја надомести штетата.
Конечно, санкциите врз Русија би можеле постепено и делумно да се укинат само по воспоставување одржлив мир, со механизам за автоматско враќање („snapback“) во случај на прекршување на договорот. Одделно би започнале и пошироки преговори за европската безбедносна архитектура со учество на сите земји од ОБСЕ.
Контра-предлогот претставува најдетална и најамбициозна европска рамка за мир досега, со јасна намера да се спротивстави на плановите што би ѝ нанеле трајна територијална загуба на Украина.























