
Унгарија направи значаен чекор кон енергетската независност со официјалниот почеток на изградбата на новиот реактор во нуклеарната централа „Пакш 2“. Иако подготовките за проектот траат веќе две години, денешниот настан означува почеток на изградбата на петтиот реактор, кој ќе го прошири капацитетот на централата на драстичен начин.
Пакш 2 ќе се состои од два модерни реактори со по 1.200 мегавати, кои ќе бидат изградени од рускиот нуклеарен гигант „Росатом“ по принципот „клуч на рака“. Компанијата за проектот доби зелено светло од американското Министерство за финансии, што значи дека проектот е ослободен од меѓународни санкции и од страна на САД и на ЕУ.
Сегашната нуклеарна централа Пакш веќе располага со четири реактори со вкупен капацитет од 2.000 мегавати, кои обезбедуваат околу 45% од електричната енергија во земјата. Со завршувањето на Пакш 2, уделот на нуклеарната енергија во унгарскиот енергетски микс ќе се удвои, што ќе го зацврсти не само снабдувањето на национално ниво, туку и стабилноста на енергетскиот пазар во регионот.























