
Експлозија пред барот „Елегант Манки“ во населбата Кастелверде го потресе источниот дел на Рим. Детонацијата предизвика пожар што ја уништи терасата на локалот и ја зацрни фасадата, а стакло беше расфрлано по тротоарот. Нападот е последен во низата од околу 30 експлозии што од мај ги погодија источните предградија на италијанската престолнина, пренесува британскиот весник „Телеграф“.
Меѓу целите се барови, обложувалници, агенции за изнајмување автомобили и станбени згради. Нападите зачестија во последните недели и главно се случуваат ноќе. Според „Телеграф“, досега нема повредени, а полицијата сè уште нема уапсени за експлозиите. Истражителите се сомневаат дека зад нападите стојат ривалски криминални групи кои со заплашување се обидуваат да преземат контрола врз локалната трговија со дрога.
Ривалите се обидуваат да ја преземат територијата на кланот Сенезе
Според една од полициските верзии, слабеењето на влијанието на Микеле Сенезе, познат по прекарот „Лудакот“, отворило простор за борба меѓу клановите. Сенезе, кој издржува затворска казна, со години важел за една од највлијателните фигури во римското подземје. Неговиот клан традиционално контролирал делови од источен Рим каде што се продава дрога.
Сенезе, кој потекнува од Неапол и се поврзува со Камората, во 2013 година беше осуден за убиство. Во септември обвинителството го обвини дека го наредил убиството на Фабрицио Пишители, познат како „Диаболик“. Пишители беше застрелан во 2019 година додека седел на клупа во парк во Рим.
Џанфранко Минисале, раководител на криминалистичките истраги во римската полиција, изјави дека една од главните пречки во истрагата е молчењето во погодените населби. Според него, со полицијата не соработуваат ниту жителите во чие соседство се случиле нападите.
Зошто на удар се агенциите за автомобили
Полицијата се сомнева дека дилерите договараат испораки преку WhatsApp и други апликации за пораки, а за дистрибуција користат изнајмени возила. Според Минисале, така потешко се утврдува кој ги извршува испораките. Истражителите проверуваат дали нападнатите агенции им изнајмувале автомобили на луѓе поврзани со ривалските групи. Меѓу погодените објекти е филијала на „Голд кар“ во населбата Ченточеле, нападната ноќта на 8 октомври.
Експлозиите станаа тема и во италијанскиот парламент. Опозициското Движење „Пет ѕвезди“ побара итно објаснување од министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози. Меѓу предложените мерки е прогласување „црвени зони“ во Тор Бела Монака и во други погодени населби, со засилено полициско присуство.























