
Западна и Централна Европа се соочуваат со невообичаено ран и интензивен топлотен бран, кој веќе предизвика и човечки жртви, особено во Франција, каде се пријавени седум смртни случаи поврзани со високите температури.
Според владини извори, меѓу жртвите има најмалку пет случаи на давење и два смртни случаи за време на спортски активности, што дополнително укажува на ризиците од екстремната топлина. Француските власти веќе воведоа портокалово ниво на тревога во делови од западна Франција, каде температурите достигнуваат до 36 степени Целзиусови.
Метеоролошките служби предупредуваат дека условите се особено опасни за ранливите групи и апелираат граѓаните да избегнуваат изложување на сонце во најтоплите часови од денот.
Топлотниот бран ја зафати и Велика Британија, каде во некои делови од Лондон температурата не падна под 21 степен во текот на ноќта, а дневните максимални вредности достигнаа речиси 35 степени. Метеоролозите најавуваат и можни локални бури во попладневните часови.
Слично високи температури се бележат и на Пиринејскиот Полуостров, каде Шпанија повторно се соочува со вредности над 30 степени, особено во региони како Екстремадура, Андалузија и околината на Мадрид.
Во Германија, иако се очекува благо намалување на температурите, југот на земјата и понатаму ќе остане топол со вредности до 33 степени.
Метеоролозите објаснуваат дека голем дел од Европа се наоѓа под влијание на топол воздушен бран кој се задржува над континентот, додека дополнителен прилив на топол и сув воздух од северна Африка, заедно со прашина од Сахара, придонесува за екстремно високите температури.















