
Банкарскиот гигант Standard Chartered најави значајно намалување на работната сила, како дел од пошироката стратегија за зголемена примена на вештачка интелигенција и автоматизација во своето работење.
Компанијата со седиште во Велика Британија планира до 2030 година да укине повеќе од 15 проценти од вкупниот број вработени, што претставува околу 7.800 административни и помошни работни позиции. Од банката посочуваат дека дел од засегнатите вработени би можеле да бидат прераспределени на други работни места во рамки на системот.
Според информации на Би-Би-Си, процесот на трансформација е дел од долгорочната стратегија на извршниот директор Бил Винтерс, кој се фокусира на поголема профитабилност и засилено присуство на пазарите во Азија и Африка.
Од банката објаснуваат дека воведувањето на напредна аналитика, автоматизација и алатки за вештачка интелигенција ќе придонесе за поедноставување на процесите, подобро носење одлуки и зголемена ефикасност во услугите кон клиентите и внатрешното работење.
Компанијата засега не прецизираше во кои држави ќе има најголемо намалување на работните места, иако има значајни административни центри во Индија, Кина, Малезија и Полска.
Овој потег се вклопува во поширок глобален тренд во финансискиот и технолошкиот сектор, каде сè повеќе компании ја зголемуваат употребата на вештачка интелигенција и истовремено намалуваат дел од човечката работна сила.
Слични мерки веќе најавија и други големи институции, меѓу кои и DBS Bank од Сингапур, кој планира намалување на околу 4.000 договорни и привремени позиции во наредните години.
Во технолошкиот сектор исто така се бележат значајни отпуштања, при што компании како Meta најавуваат илјадници укинувања на работни места, паралелно со зголемени инвестиции во развој на вештачка интелигенција.















