Тешка авионска несреќа се случи вчера при полетување од аеродромот во Ахмедабад, Индија, кога патнички авион на „Ер Индија“ со 242 патници и членови на екипажот удри во зграда што служи како хостел за медицински работници. Освен жртвите во авионот, повредени има и во зградата.
Единствениот потврден преживеан е британскиот државјанин Вишвас Кумар Рамеш (40), кој седел во близина на излезот за итни случаи – на седиштето 11А. Според индиската полиција, тој успеал да скокне од авионот непосредно пред да се случи експлозијата.
– Кога станав, телата беа насекаде околу мене. Бев исплашен. Станав и истрчав. Делчиња од авионот беа расфрлани на сите страни. Некој ме грабна, ме стави во амбулантно возило и ме однесе во болница – изјавил Рамеш, кој сè уште се наоѓа на болничко лекување.
Според доктор Давал Гамети, Рамеш има повеќекратни повреди, но неговиот живот не е во опасност.
Рамеш престојувал неколку дена во Индија за да го посети семејството и се враќал во Велика Британија заедно со својот брат Ајај, кој бил сместен во вториот ред на авионот. За жал, неговиот брат не преживеал.
Рамеш живее во Лондон веќе 20 години со сопругата и ќерката, пренесува Hindustan Times.