Околу десет европски држави изразиле подготвеност да испратат војници во Украина во рамките на идниот мировен договор, објави „Блумберг“. Планот предвидува распоредување на европски сили, предводени од Велика Британија и Франција, кои би делувале како дел од мултинационална група за обука и зајакнување на украинската армија, но без НАТО-знаме, туку во име на своите национални влади.
Според изворите, првата фаза од поддршката би се состоела од обука и кадровско засилување на украинските сили, далеку од фронтот. Велика Британија и Франција би испратиле стотици војници за обука и логистичка поддршка.
Американски и европски воени претставници веќе почнале да планираат „цврсти безбедносни гаранции“ за Украина, по ветувањето на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон ќе ја штити земјата во рамките на мировниот договор. Трамп исклучи испраќање американски копнени трупи, но остави отворена можност за американска воздушна поддршка на европските сили.
Руското Министерство за надворешни работи остро го отфрли планот за присуство на војници од НАТО-држави во Украина, предупредувајќи на сериозни последици.
Во среда е закажан виртуелен состанок на НАТО-воените лидери со учество на американски претставници, каде ќе се разгледуваат опциите за понатамошна координација и поддршка на Украина.