Дали нѐ демне нуклеарна катастрофа? Стручњаците уверуваат: Нема ризик од катастрофа како во Чернобил или Фукушима
Нападите врз иранските постројки за збогатување на ураниум, како онаа во Натанз, не претставуваат закана од нуклеарна катастрофа со размери слични на Чернобил или Фукушима, објави Би-Би-Си повикувајќи се на проценки на нуклеарни експерти.
Според извештајот, цел на израелските напади биле постројки за збогатување ураниум, а не активни нуклеарни реактори во кои се одвива процес на фисија — контролирано раздвојување на атомите што создава топлина и високорадиоактивен отпад.
– Во постројките за збогатување ураниум нема нуклеарна реакција, за разлика од нуклеарните централи – објаснува за Би-Би-Си Сајмон Мидлборо, експерт за нуклеарни материјали од Универзитетот во Бангор.
Без опасност од експлозија, можно само локално загадување
Процесот на збогатување на ураниум се користи за производство на нуклеарно гориво, но сам по себе не предизвикува нуклеарна реакција. Дури и во случај на воздушен напад, не би дошло до експлозија со радијација или масовно ширење на радиоактивни материи.
– Ако ваква постројка биде погодена, честички од ураниумот би можеле да се ослободат во околината, но без ризик од нуклеарна експлозија или голем радиолошки ефект – вели Мидлборо. Тој додава дека опасноста би останала локализирана и би се ограничила на мала зона околу погодената локација.
Би-Би-Си потсетува дека израелските сили во текот на ноќта повторно извршија напади врз објекти во Натанз, но засега нема информации за евентуално истекување на радиоактивни материи.