
Се уште трае потрагата по Стивен Ивановски, младиот Македонец кој исчезна за време на трагичниот пожар што ја погоди новогодишната прослава во барот „Констелејшн“ во Кран Монтана, Швајцарија. Според семејството, Стивен бил присутен во барот вечерта на инцидентот, а се претпоставува дека носел бел дуксер, бели панталони и можеби препознатливите очила за сонце. Роднините апелираат до сите кои можеби го виделе или имаат информации за неговото движење, како и до оние кои знаат дали бил хоспитализиран во Женева или Цирих, веднаш да се јават на телефонските броеви 076 415 0868, 076 385 7165 и 078 229 5745.
Пожарот, кој избувна околу 1:30 часот по полноќ, предизвика голема трагедија – според швајцарските власти, повеќе од 40 лица загинаа, додека 115 беа повредени. Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, информира дека бројот на жртви се проценува на 47, додавајќи дека бил во континуиран контакт со швајцарските власти.
Тешко повредените, меѓу кои речиси 20 тинејџери и млади лица, биле пренесени во различни болници во Швајцарија, а дел од нив биле префрлени и во медицински центри во Милано, Париз, Лион и Штутгарт. Директорката на Универзитетската болница во Лозана, Клер Шарме, истакна дека најмалку 22 од тешко повредените се на возраст од 16 до 26 години и дека повеќето имаат изгореници што покриваат повеќе од 20% од телото, со прогноза на закрепнување што може да трае со недели, ако не и месеци.
Очевидците опишуваат сцени на хаос: шишиња шампањ фрлени кон барот со распрскувачи и ракети предизвикале експлозија што брзо го зафатила таванот и подрумот, каде што многу млади луѓе останале заробени. Пожарникарите и медицинските екипи пристигнале на местото на настанот во рекордно време, но паниката и тесните скалишта го направиле бегството речиси невозможно.
Во чест на жртвите, граѓаните на Кран Монтана синоќа се собраа пред барот, положувајќи свеќи и цвеќе, а швајцарската влада прогласи петдневна жалост. Претседателот Гај Пармелин го оцени пожарот како еден од најтрагичните настани во историјата на земјата, нагласувајќи дека Швајцарија има должност да спречи вакви трагедии во иднина.



























