УТРО.мк

Брисел со остри забелешки за мировната иницијатива на Трамп

Брисел со остри забелешки за мировната иницијатива на Трамп
Vero

Европската Унија изрази сериозна загриженост во врска со новиот Комитет за мир формиран од американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека неговата структура и овластувања се „неприфатливи“, покажува интерен документ на Европската служба за надворешна акција, во кој имал увид Ројтерс.

Иако Трамп јавно ги повика светските лидери да се приклучат на неговата иницијатива за глобално решавање конфликти, повеќе западни влади засега одбиваат учество. Во доверлива анализа од 19 јануари, доставена до земјите-членки, ЕУ предупредува на прекумерна концентрација на моќ во рацете на американскиот претседател.

Според документот, повелбата на Комитетот за мир отвора прашања поврзани со уставните принципи на ЕУ и автономијата на нејзиниот правен поредок, при што се потенцира дека моделот на управување е во спротивност со европските стандарди.

Во анализата се наведува и дека новото тело значително отстапува од мандатот одобрен од Советот за безбедност на Обединетите нации во ноември, кој бил строго ограничен на конфликтот во Појасот Газа.

Комитетот, кој официјално беше активиран во четврток, предвидува доживотно претседавање на Трамп, додека земјите-членки добиваат тригодишен мандат, освен ако не уплатат една милијарда долари за да обезбедат постојано членство. Според најавите, телото најпрво ќе се фокусира на Газа, а потоа ќе го прошири делувањето и на други глобални конфликти.

„Кога овој комитет ќе биде целосно формиран, ќе можеме да правиме што сакаме, во соработка со Обединетите нации“, изјави Трамп, додавајќи дека ОН има неискористен потенцијал.

По состанокот на европските лидери посветен на трансатлантските односи, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста изјави дека постојат сериозни сомнежи околу опсегот, управувањето и усогласеноста на Комитетот со Повелбата на ОН.

Тој нагласи дека ЕУ е подготвена да соработува со САД за сеопфатен мировен план за Газа, но само доколку Комитетот дејствува како привремена администрација, во согласност со Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност.

Во меѓувреме, повеќе земји-членки на ЕУ, меѓу кои Франција, Германија и Шпанија, веќе соопштија дека нема да се приклучат на Комитетот за мир.

Европската дипломатска служба дополнително предупредува дека одредбата според која нивото на учество на земјите-членки мора да биде одобрено од претседателот на Комитетот претставува „неприфатливо мешање“ во нивната организациска автономија.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран