
Францускиот претседател Емануел Макрон најави иницирање забрзана законска постапка со која би се вовела забрана за користење социјални мрежи за деца и тинејџери помлади од 15 години, со цел мерката да почне да се применува уште од следната учебна година.
Во видео-обраќање до јавноста, Макрон соопшти дека побарал законот да се разгледува по итна постапка во парламентот, што би овозможило негово брзо усвојување. Тој нагласи дека станува збор за јасна и јавно преземена политичка обврска, насочена кон заштита на децата од негативните влијанија на дигиталниот свет.
„Ќе го забраниме користењето социјални мрежи за деца под 15 години и ќе воведеме целосна забрана за мобилни телефони во средните училишта. Ова правило мора да биде јасно за тинејџерите, родителите и наставниците“, порача Макрон.
Претседателот истакна дека дигиталните платформи не смеат да имаат слободен и неконтролиран пристап до вниманието на децата, потенцирајќи дека нивниот психолошки и емоционален развој не смее да биде предмет на профит.
Тој изрази и сериозна загриженост за влијанието на странските дигитални платформи и нивните алгоритми, оценувајќи дека тие сè почесто манипулираат со младите корисници.



























