Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е приведен и од саботата се наоѓа во притвор на сојузната полиција, потврди неговиот адвокат за „Ројтерс“. Со тоа заврши неговиот повеќемесечен домашен притвор додека се жалеше на пресудата на Врховниот суд за напади врз бразилската демократија.
Адвокатот не го наведе точниот повод за притворањето, но лице запознаено со случајот изјавило дека се работи за превентивна мерка поврзана со условите на неговиот домашен притвор.
Болсонаро во септември беше осуден на 27 години и три месеци затвор поради планирање државен удар со кој сакал да остане на власт по поразот на изборите во 2022 година од актуелниот претседател Луис Инасио Лула да Силва.
Повеќе од сто дена беше под строг домашен притвор, бидејќи ги прекрши мерките на претпазливост во посебен случај во кој се терети дека барал американско вмешување за да се сопре кривичниот процес против него.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше наклонет кон Болсонаро во периодот кога двајцата беа на функција, го нарече случајот „лов на вештерки“. Тој воведе санкции за судијата Александре де Мораеш, кој го води случајот, како и 50% царини на неколку бразилски производи – мерка што почна да ја укинува овој месец.
За време на домашниот притвор, Болсонаро не смеше да користи социјални мрежи, но примаше посети од политички сојузници.
Се очекува неговата одбрана да побара повторно да биде вратен во домашен притвор поради здравствени причини.























