Би-Би-Си упати јавно извинување до американскиот претседател Доналд Трамп поради документарецот „Трамп: Втора шанса?“, но одби да прифати каква било правна одговорност или обврска за исплата на отштета, пренесуваат британските медиуми. Трамп преку својот правен тим тврдеше дека документарецот, емитуван пред изборите во 2024 година, го прикажал во „клеветнички“ контекст, барајќи до 1 милијарда долари обештетување.
Контроверзијата произлезе од монтиран дел од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи упаднаа во Капитолот. Во верзијата прикажана во „Панорама“, три одвоени сегменти од говорот беа споени така што создадоа впечаток дека Трамп директно повикувал на насилство. Адвокатите на американскиот претседател оценија дека ваквата монтажа „ги заведува гледачите“ и ја нарушува неговата чест и углед.
Во одговор до правниот тим на Трамп, Би-Би-Си наведе пет аргументи со кои ја оспорува тужбата. Тие посочија дека документарецот бил достапен само во Обединетото Кралство преку „BBC iPlayer“, со географска блокада што го спречувала неговото гледање во САД. Затоа, според нив, тој не можел да влијае врз исходот од изборите. Дополнително, тврдат дека скратувањето на говорот било направено без лоша намера, со цел да се вклопи во едночасовниот формат, и дека извадените 12 секунди не смеат да се гледаат изолирано, бидејќи програмата вклучувала и бројни ставови во корист на Трамп.
Паралелно со повторното отворање на случајот, весникот „Телеграф“ обвини дека Би-Би-Си уште во 2022 година, во емисијата „Њузнајт“, направила слична спорна монтажа на истиот говор. Од корпорацијата одговорија дека ги одржуваат „највисоките уреднички стандарди“ и дека ќе ги истражат сите наводи.
Правниот тим на Трамп оцени дека новите откритија покажуваат „образец на клеветничко однесување“ од страна на Би-Би-Си, додека медиумската куќа останува на ставот дека нема правна основа за барањето за отштета.























