Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го повика американскиот претседател Доналд Трамп да покаже воздржаност поради засиленото американско воено присуство на Карибите, пренесе ДПА. На митинг во Каракас, на прашање од новинар на Си-Ен-Ен дали има порака за Трамп, Мадуро на англиски јазик рече: „Ајде да направиме мир“, додавајќи дека граѓаните на САД треба да се залагаат за смирување на тензиите и „крај на бескрајните војни“.
Пентагон во меѓувреме објави фотографии од носачот на авиони „УСС Џералд Р. Форд“ во западниот Атлантик, придружуван од три воени бродови, бомбардер со долг дострел и неколку борбени авиони. Сето тоа доаѓа по најавата на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за почеток на операцијата „Јужно копје“, насочена кон борба против трговијата со дрога во регионот.
Во изминатите недели, американските сили потопија околу 20 бродови осомничени за шверц на дрога, при што загинаа приближно 80 лица.























