Австралија планира во најскоро време да ја признае Палестина како држава, следејќи ги најавите на Франција, Велика Британија и Канада, објави весникот Sydney Morning Herald.
Премиерот Ентони Албанезе би можел да ја потпише одлуката во наредните денови, по денешната редовна владина седница, наведува весникот повикувајќи се на неименувани извори. Канцеларијата на премиерот засега не даде коментар.
Франција и Канада минатиот месец објавија дека ќе ја признаат Палестина, додека Велика Британија порача дека ќе го следи истиот чекор, освен ако Израел не ја реши хуманитарната криза на палестинските територии и не постигне примирје.
Израел ги осуди овие одлуки, тврдејќи дека таквиот потег би претставувал „награда за Хамас“, кој управува со Појасот Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека мнозинството израелски граѓани се против формирање палестинска држава, сметајќи дека тоа би донело војна, а не мир.
Албанезе е поддржувач на решението „две држави“ и истакнува дека неговата влада од левиот центар го поддржува правото на Израел на безбедни граници, како и правото на Палестинците на сопствена држава. „Реков дека прашањето е кога, а не дали“, изјави премиерот во саботата за време на посетата на Нов Зеланд, говорејќи за ставот на својата влада кон палестинската државност.