
Американскиот претседател Доналд Трамп ја одбележа Новата 2026 година со гала-прослава во својот клуб Мар-а-Лаго на Флорида, каде што централен настан беше аукција на портрет на Исус Христос, продаден за 2,75 милиони долари. Како новогодишна желба, Трамп порача „мир во светот“.
Портретот беше насликан во живо за време на вечерта од уметницата Ванеса Хорабуена, која Трамп ја претстави како една од најголемите современи уметници. Тој истакна дека таа е способна да создаде извонредни дела за многу кратко време и додаде дека нејзина слика би била соодветна и за Белата куќа.
Додека во позадина се изведуваше забавена верзија на песната „Алелуја“, Трамп ја повика уметницата да создаде „нешто посебно“ и ја започна лицитацијата со почетна цена од 100.000 долари. На крајот, делото беше продадено за 2,75 милиони долари, при што половина од средствата ќе бидат донирани на Детската болница „Сент Џуд“, а остатокот на локалната шерифска служба.
На новогодишната гала вечер присуствуваа бројни познати личности, меѓу кои поранешниот советник на Трамп, Руди Џулијани, американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со сопругата Сара, како и емиратскиот милијардер Хусеин Саџвани.
Пораката за „мир во светот“ Трамп ја упати откако новинарите го прашаа за наводен напад врз пристаниште во Венецуела, за кој се тврди дека бил насочен од ЦИА. Тој не навлезе во детали, но нагласи дека новата година треба да донесе стабилност и напредок.
Новогодишната прослава во Мар-а-Лаго е долгогодишна традиција, а цената на влезницата оваа година изнесуваше 1.450 долари. На настанот му претходеше ден исполнет со објави на Трамп на социјалните мрежи, во кои ги критикуваше политичките противници и ја истакнуваше економската политика на својата администрација, најавувајќи истраги за, како што рече, големи финансиски злоупотреби.



























