Американската пејачка Мадона јавно му се обрати на папата Франциск, повикувајќи го да ја посети Газа и да помогне во отворањето на хуманитарните коридори. „Вие сте единствениот од нас кому не може да му се забрани влез. Мора целосно да се отворат хуманитарните коридори за да се спасат овие невини деца. Нема повеќе време,“ напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Мадона, која вчера го прослави 25-тиот роденден на својот син Роко Ричи, објави и дека ќе донира средства за хуманитарни организации кои работат во Газа. Таа нагласи дека најубавиот подарок што може да му го даде како мајка е да ги замоли сите да помогнат во спасувањето на невините деца заробени во конфликтот.
Според податоците на Обединетите нации, акутната неухранетост кај децата во Газа достигнала рекордно ниво, со речиси 12.000 деца под пет години идентификувани како акутно неухранети, а уште 2.500 со тешка акутна неухранетост.
Израел ја држи Газа под блокада и ги контролира копнените пристапи, а доставата на хуманитарна помош е ограничена. Во последните месеци, под притисок на сојузниците, Израел дозволи поголеми конвои и воздушни дистрибуции на помош.
Во неделата, фронтменот на ирскиот бенд U2, Боно, остро ја критикуваше израелската влада, обвинувајќи ја дека, покрај Хамас, и таа го користи гладот како оружје во војната.