Долгогодишната конзервативна канцеларка Ангела Меркел ретко се појавува во јавност и уште поретко се изјаснува за политика откако во 2021 година се повлече од политичкиот живот.
Сега, во емисија на ТВ Phoenix, таа ги предупреди своите демохристијани и социјалдемократи да не се однесуваат пред десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) „како зјаче закочено пред змија“ и да не дозволат да бидат „водени за нос“.
„Главните партии мораат поубедливо да ја промовираат својата политика и на тој начин да ги нагласат разликите во однос на AfD“, рече Меркел во средата навечер.
Таа додаде дека со партии со кои Европската унија не се согласува, кои негуваат сосема поинаков однос кон Русија и кои не ја бранат либералната демократија, „апсолутно не може да соработува“.
Според нејзините зборови, демохристијаните и социјалдемократите имаат со што да ги убедат граѓаните, а „барањето мнозинство со помош на AfD е забрането токму поради начинот на кој тие самите се дефинираат“.
Меркел ја водеше Германија во четири мандати, првиот започна пред околу 20 години.
На почетокот на годината, за време на кампањата за февруарските вонредни избори, таа го критикуваше сегашниот канцелар и партиски колега Фридрих Мерц, затоа што една одлука за миграциите ја помина низ Бундестаг со гласови од AfD.
Сега рече дека не планира да се изјаснува за секоја дискусија, а малку ја ублажи јануарската критика, оценувајќи дека тоа бил „прилично уникатен случај“.























