
Персоналот на Белата куќа ги одзел и фрлил сите предмети што кинеските функционери ѝ ги доделиле на американската делегација пред качувањето на претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ во Пекинг, објави дописничката на Белата куќа од New York Post, Емили Гудин.
Според нејзината објава, американското обезбедување не дозволило никакви предмети добиени од кинеските власти да бидат внесени во авионот. Меѓу одземените предмети биле акредитиви, привремени телефони и значки на делегацијата, кои биле фрлени непосредно пред полетувањето.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши тридневната посета на Кина со церемонијално испраќање на аеродромот во Пекинг, каде што го испрати кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
За време на посетата, Трамп оствари повеќе средби со кинескиот претседател Си Џинпинг, вклучително и состанок во Големата народна сала, заеднички банкет и посети на историски локации во Пекинг.
Си ја оцени посетата како „историска и пресвртна точка“ во односите меѓу двете држави, додека Трамп изјави дека станува збор за „неверојатна посета“ од која произлегле позитивни резултати.
И покрај позитивните пораки, медиумите наведуваат дека не бил постигнат значителен напредок во трговските односи, ниту конкретни договори за извоз на ретки минерали и економска соработка. Според Reuters, разговорите зад затворени врати опфатиле и чувствителни теми како Тајван и иранската нуклеарна програма.
Во меѓувреме, South China Morning Post објави дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да ја посети Кина следната недела, иако засега нема официјална потврда од Москва и Пекинг.
















