
Американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, на неодамнешна конференција во Париз ја критикуваше Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), предупредувајќи дека САД би можеле да се повлечат од организацијата ако таа продолжи да се фокусира на обновливи извори на енергија. Според него, агенцијата сè повеќе се претвора во „организација за застапување на климатските промени“, што е во директен судир со политиките на администрацијата на Доналд Трамп, која силно поддржува фосилни горива.
„Ако агенциите се посветат на ваков вид левичарска фантазија, тоа може само да ја наруши нивната мисија“, рече Рајт пред присутните на Францускиот институт за меѓународни односи, додавајќи дека сценаријата со „нето нулта емисија“ се нереални и „смешни“.
ИЕА, основана во 1974 година по првата нафтена криза, има седиште во Париз и важи за светски стандард во енергетската анализа, документирајќи премин кон обновливи извори и поставувајќи глобални трендови за потрошувачката на енергија. Во најновиот извештај, агенцијата ја ревидираше прогнозата за врвната потрошувачка на нафта, предвидувајќи дека побарувачката ќе продолжи да расте до средината на XXI век, што многумина го сметаат за сигнал на попуштање пред притисокот од администрацијата на Трамп.























