
Кик-бокс настанот во Нови Пазар се претвори во хаос откако по завршувањето на борбата меѓу домашниот борец Вахид Кичар и противник од Грција избувна масовна тепачка во рингот.

Според медиумските извештаи, до немирите дошло веднаш по поразот на Кичар, кога дел од незадоволната публика влегла во рингот и започнала физичка пресметка во која учествувале десетици лица.
Ситуацијата дополнително ескалирала кога член од тимот на поразениот борец го нападнал грчкиот кик-боксер, што предизвикало општа тепачка и целосен прекин на настанот.
Повредениот Грчки борец итно беше префрлен во болница во Белград
Во метежот бил повреден грчкиот натпреварувач, кој по инцидентот итно бил пренесен од Нови Пазар на понатамошно лекување во Белград.
Очевидци наведуваат дека во тепачката учествувале околу 50 лица, а обезбедувањето и полицијата имале потешкотии веднаш да ја стават ситуацијата под контрола поради недоволен број службеници.
Реакции и истрага
По инцидентот, надлежните органи започнале постапка за утврдување на сите околности, додека спортската јавност остро ги осуди сцените што се случија на турнирот.
Од локалниот бокс клуб се оградија од организацијата на настанот и истакнаа дека ваквите случувања не го претставуваат спортскиот дух на градот.
Настанот предизвика силни реакции во регионот, со оценки дека станува збор за сериозен безбедносен пропуст и дека вакви инциденти не смеат да се повторуваат на спортски манифестации.























