Македонија како домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) настапи со 181 млад натпреварувач, но не освои ниту еден медал. Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за „Радио Слободна Европа“ се обиде да одговори на јавниот интерес за причините поради кои македонските спортисти ги немаше меѓу најдобрите и најави суштински реформи, кои очекува да влијаат и на спортските успеси на македонските натпреварувачи. Според него, вакви резултати не се променуваат преку ноќ.
„Немањето резултати не може да се смени ниту за една година, ниту за две, ниту за три. Тоа е еден процес којшто барем треба да трае два олимписки циклуса, а тоа е четири до осум години за да направите резултат на Олимпијада. А не е точно дека младите не се поддржани од државата. Јас ќе ви набројам многу факти коишто не се така,“ рече Ристовски.
Средствата кои им се потребни на спортистите за поддршка на нивниот спортски развој сега се добиваат директно – без посредништво од спортските федерации или клубови.
„Направивме да заслужните спортисти ги добиваат средствата директно. Да не оди тоа преку федерациите, затоа што имаме случаи кога ние ги префрламе наменски средствата за одреден спортист и тие средства се држат четири до пет месеци и не му се префрлаат на спортистот,“ рече Ристовски.
На прашањето зошто се случуваат вакви блокади, министерот вели:
„Објаснување нема. Меѓутоа ќе дојдеме и до тоа. Сега директно ќе ги даваме на спортистите и спортистите ќе донесуваат извештај, нормално со фискални сметки, со фактури каде ги потрошиле тие средства, затоа што индивидуалниот спорт е многу различен од колективниот.“
Во однос на програмата за поддршка на млади спортски таленти, министерот објасни дека се потребни промени за да се зголеми поддршката што ја добиваат талентите.
„Ако мене ме прашувате, ние 500 талентирани дечиња во државата немаме. Дали имаме и 250? Затоа размислуваме во иднина бројката да се намали, а помошта во средства да се зголеми. Значи, ако досега земале, не знам, по 8.000 денари, потоа 250 дечиња да земаат по 15.000 денари секој месец и да навистина ја осетат таа помош. Верувајте дека преку ноќ не бива ништо, меѓутоа ве уверувам исто така дека Министерството за спорт, и јас и мојот тим, сме решени да работите ги поставиме онака како што треба.“
Министерот особено се осврна на инфраструктурните инвестиции и изградбата на нови игралишта, кои се основа за вклучување на младите во спортски и здрави навики:
„Во делот на капиталните спортски инфраструктурни објекти мислам дека сум многу горд на сè она што го направивме. Изградивме преку 30 мултифункционални игралишта. Иако мултифункционалните игралишта не значат професионален спорт, значат простор за дечињатаи возрасните можат да рекреираат, како и секој што ќе посака. Што повеќе дечиња играат на тие мултифункционални игралишта, толку повеќе ќе градиме поздрава нација и дечиња базирани на вистински вредности.“
На темата за ревизорскиот извештај за Јавното претпријатие за спортски објекти, кое управува со имот вреден 32 милиони евра, а за кое не постојат точни податоци за користење и управување, министерот беше остар:
„Ревизорскиот извештај е во ред и мислам дека е, мене ако ме прашувате, и премногу блага форма напишан од ревизорите. Тоа јавно претпријатие во изминативе 30-тина години служеше за богатење на одредени луѓе кои што беа блиски до властите. Една, друга или трета, не налагам – генерално ќе зборувам.“
Во однос на спортски објекти дополни:
„Имам некои размислувања, дали ќе бидат прифатени од владата или не, ќе видиме. Меѓутоа, имам некои размислувања Министерството за спорт да земе одредени спортски објекти кои се од национален интерес, да ги реконструира и да се договориме дали да се оди со јавно-приватно партнерство.“
Во однос на обвинувањата од опозицијата за нетранспарентност и доделување субвенции без објавени документи, министерот одговори:
„На „Отворени финансии“ може да ги видите сите трансакции, може да ги видите сите трансакции коишто ги прават сите институции. Можеби сакаат да направат некоја си извртување, но вистината е дека Министерството за спорт немаше официјална веб-страница, што не е по наша вина. Мора да има унифицирана веб-страна и државата ги правеше тие за сите нови министерства.“
Тој истакна дека одговорот на секое барање за информација се обезбедува брзо и целосно: „Сè она што секој оној којшто ќе побара било каква информација од Министерството за спорт, јас гарантирам дека во рок од 12 часа ќе биде одговорено.“
Што се однесува до критериумите за субвенции, министерот потенцира дека тие се прецизни, транспарентни и отпорни на политичко влијание:„Апсолутно ниту јас, ниту било кој од институцијава може да влијае на тоа како се доделуваат тие субвенции во спортот.“