УТРО.мк

Потресно сведоштво на поранешен возач: „Ги молев да го разбудам Шумахер, но не ми дозволија“

Потресно сведоштво на поранешен возач: „Ги молев да го разбудам Шумахер, но не ми дозволија“
Vero

Рикардо Патрезе, поранешен возач на Формула 1 и еден од најблиските пријатели на легендарниот Михаел Шумахер, откри дека не му било дозволено да го посети и евентуално да помогне во опоравувањето на славниот Германец. Одобрување побарал од сопругата на Шумахер, Корина, но одговорот бил краток и јасен: „Не, не е моментот.“

„Доживеа тешка несреќа. Тоа е многу тажен момент,“ изјави Патрезе за италијанските медиуми. „Понекогаш луѓето во такви состојби знаат да реагираат на познат глас. Сакав да одам, да пробам да помогнам. Мислев дека можеби би имало ефект. Но ми рекоа: ‘Не, благодарам, сега не е вистинскиот момент’. Тој момент никогаш не дојде.“

Патрезе и Шумахер се запознале во 1993 година, кога Михаел дури почнуваше во Формула 1. Брзо станале пријатели, а покрај љубовта кон брзината, ги поврзувала и страста кон фудбалот. Често играле заедно на хуманитарни натпревари и одржувале блиски односи со години.

Но, трагичната несреќа на скијање во декември 2013 година, кога Шумахер со глава удри во карпа, засекогаш го промени неговиот живот и ја прекина комуникацијата со поширок круг пријатели и роднини. Од тој момент, семејството на Шумахер – пред сè неговата сопруга Корина – воведе строга приватност и речиси целосна медиумска тишина околу неговата здравствена состојба.

Дури ни братот Ралф нема пристап

Патрезе не е единствениот кому му било забрането да го види Михаел. Легендата на Формула 1, Еди Џордан, исто така изјави дека не му било дозволено да го посети Шумахер. Слична судбина доживеал и неговиот роден брат, Ралф Шумахер.

„Од несреќата изгубив контакт со дел од семејството на Михаел. Секогаш сум подготвен да помогнам ако ми се обратат, но не сме разговарале со години,“ изјави Ралф во едно претходно интервју.

Состојбата на Михаел Шумахер и денес останува голема мистерија за јавноста. Веќе 12 години нема официјални информации за неговото здравје, а ретките изјави на семејството се внимателно одмерени. Милиони фанови ширум светот сè уште со надеж чекаат позитивни вести за човекот кој го одбележа модерното време на Формула 1.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран