Формула 1 и Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) официјално го објавија календарот за следната сезона, кој ќе брои рекордни 24 трки. Новитет е уличната трка во Мадрид, која ќе дебитира во септември, додека познатата патека Имола во Италија е отстранета од распоредот.
Сезоната ќе започне со Гран-при на Австралија во Мелбурн на 8 март, по што следуваат трките во Шангај и Јапонија. Поради муслиманскиот месец Рамазан, трките во Бахреин и Саудиска Арабија ќе се одржат во април.
Првата европска трка ќе биде во Монако на 7 јуни, откако ќе се разменат датумите со Канада, чииот Гран-при е преместен на 24 мај. Барселона, која влегува во последната година од договорот, ќе биде домаќин на трка на 14 јуни, но повеќе нема да се води како „Голема награда на Шпанија“.
Мадрид ќе ја затвори европската етапа на 13 септември со трка околу изложбениот центар IFEMA, викенд по Монца. Холандската трка во Зандворт е закажана за 23 август како спринт викенд.
Финалето на сезоната е резервирано за Абу Даби на 6 декември, по трката во Катар. Новата ера на Формула 1 ќе донесе 100% одржливо гориво и значајни брендови како Ауди, Кадилак и Форд, кои ќе се приклучат на натпреварувањето. Кадилак ќе влезе како 11-ти тим, Заубер станува фабрички тим на Ауди од 2026, а Форд партнерски работи со Ред Бул.
„Возбудени сме што го поздравуваме Мадрид во календарот и што ги гледаме големите автомобилски брендови како Ауди, Кадилак и Форд во Формула 1“, изјави извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.