УТРО.мк

Абрамович: „Сакам само вистински поздрав со навивачите на Челси“

Абрамович: „Сакам само вистински поздрав со навивачите на Челси“
Vero

Поранешниот сопственик на англискиот фудбалски клуб Челси, Роман Абрамович, изјави дека се надева на можност за „вистинско збогување“ со навивачите на клубот, нешто што не му било дозволено поради принудната продажба на клубот во 2022 година.

Рускиот олигарх беше принуден да се повлече од англискиот фудбал поради блиските врски со претседателот на Русија, Владимир Путин. Владата на Обединетото Кралство го прогласи за „непожелна личност“, што ја означи крајната точка на неговата ера во Премиер лигата.

По подолг молк, Абрамович се појави во јавноста преку интервју за авторот Ник Пуревал, чие неодамна објавено дело „Санкциониран“ открива нови детали за продажбата на Челси.

Во книгата, Абрамович вели дека не планира повторно да инвестира во фудбалски клуб, но изразува надеж дека некогаш ќе добие можност да присуствува на натпревар на Челси и лично да се поздрави со навивачите.

„Можеби некогаш ќе се создадат услови да присуствувам на натпревар и на достоинствен начин да се збогувам со навивачите на Челси – ништо повеќе од тоа“, изјавил Абрамович.

Тој додал дека нема желба да има било каква улога во клубот, особено не во професионална смисла.

Роман Абрамович останува запаметен како сопственикот под чие водство Челси ги оствари најголемите успеси во својата историја, вклучително и освојувањето на Лигата на шампионите.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран