Фудбалската репрезентација на Македонија оствари значајна победа на гостувањето во Астана, совладувајќи ја селекцијата на Казахстан со 0-1, во рамки на четвртиот квалификациски натпревар за Светското првенство. Херој на натпреварот беше Александар Трајковски, кој го постигна единствениот погодок и донесе три вредни бода за „црвено-жолтите“.
По завршувањето на мечот, капитенот Енис Барди го изрази своето задоволство од резултатот, но и од начинот на кој тимот се избори со предизвиците.
„Знаевме дека ќе ни биде еден од најтешките натпревари досега. Дојдовме кај ривал кај кој е тешко да се игра. Очекувавме проблем да ни биде вештачкиот терен и агресивноста на Казахстан. На крајот ги освоивме посакуваните три бода, кои ни даваат можност да мислиме на сонот.
Горд сум на серијата од десет натпревари, дај Боже да продолжиме вака. Јас сум горд што сум дел од оваа генерација“.
Со освоените осум бода, Македонија барем привремено се искачи на врвот на табелата, пред дуелот помеѓу Велс и Белгија. Извојуваниот триумф дополнително ги зацврстува надежите за пласман на уште едно Светско првенство, а храбриот настап во Астана покажува дека оваа генерација има потенцијал повторно да ја израдува нацијата.