
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека проектот „Градски воз“ влегува во својата прва фаза со конкретен почеток на изградбата на 1 септември, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор кон воведување поефикасен и позелен јавен транспорт во Скопје.
Според него, првата линија ќе биде наменета за секојдневните движења на голем број граѓани кои патуваат кон централното градско подрачје, особено од населените места Зелениkово, преку Драчево и Лисиче, па сè до Аеродром и Транспортниот центар. Мицкоски посочи дека токму овој коридор е меѓу најоптоварените, особено во зимскиот период кога загадувањето и сообраќајниот метеж стануваат изразено проблематични.
Тој нагласи дека со реконструирана и електрифицирана железничка инфраструктура, идниот градски воз ќе овозможи значително побрзо движење, со брзини од околу 80 до 90 километри на час, наспроти досегашните 20 до 30 километри на час на постојните услови.
Покрај првата траса, премиерот информираше дека паралелно се работи и на развој на уште две линии, кои ќе ги опфаќаат подрачјата кон Ѓорче Петров и Илинден. Целта, како што истакна, е постепено проширување на мрежата за да се покрие пошироката периферија на главниот град.
Мицкоски додаде дека очекува целиот систем да биде целосно заокружен во периодот 2027–2028 година, со што градскиот воз би станал реална и функционална алтернатива за секојдневниот превоз на граѓаните кои патуваат од периферијата кон центарот на Скопје.
















