
Со симболично отпочнување на градежните работи, основното училиште ООУ „Јоаким Крчовски“ во Ѓорче Петров влегува во нова фаза на проширување и модернизација. На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека Владата продолжува со реализација на капиталните инвестиции што биле ветени пред граѓаните.
Во обраќањето, Мицкоски ја истакна координацијата меѓу централната и локалната власт како клучен фактор за придвижување на проектите од хартија до терен. Тој упати благодарност до општинското раководство, советниците, администрацијата, пратениците и ресорното министерство, оценувајќи дека зад секој инфраструктурен зафат стои сериозен и долг процес на подготовка.
Доградбата на училиштето, како што беше посочено, треба да обезбеди подобри услови за настава, дополнителен простор и современи капацитети што директно ќе влијаат врз образовниот процес. Премиерот нагласи дека инвестициите во училиштата претставуваат инвестиции во иднината на децата и создавање поквалитетна средина за нивен развој.
Тој изрази очекување проектот да биде завршен во предвидениот рок, потенцирајќи дека новите инфраструктурни содржини ќе донесат „додадена вредност“ за учениците и наставниот кадар.
Од Владата, пак, испратија порака дека динамиката на реализација на проектите ќе продолжи и во наредниот период, со фокус на образованието, локалниот развој и подобрувањето на јавната инфраструктура низ државата.
















